Ресурси

Каде можам да најдам повеќе информации за штетни медиумски содржини, дезинформации и слични теми?

Граѓанските организации низ Западен Балкан и Турција се посветени на зајакнување на медиумската писменост и едукација на граѓаните поврзани со штетни медиумски содржини како што се лажни информации, пропаганда или пристрасно известување. Побарајте медиумски граѓански организации кои се занимаваат со овие теми во вашата земја и проверете ги нивните образовни програми и работилници, како и публикациите и другите материјали што ги продуцираат. Побарајте организации како што се: Албански медиумски институт (Албанија), Медиацентар Сараево (Босна и Херцеговина), Совет за етика во медиумите на Косово (Косово), Црногорски медиумски институт (Црна Гора), Македонски институт за медиуми (Северна Македонија), Новосадска школа за новинарство (Србија), Бианет (Турција).

Дали има специјализирани веб-страници посветени на разоткривање лажни вести и дезинформации?

Да! Платформите за проверка на факти се повеќе стануваат популарни. Тие вршат проверка на информациите објавени во вестите и оние кои се шират на социјалните мрежи, за да ги разоткријат лажните содржини и другите видови дезинформации на тековна основа. Тие, исто така, ги објаснуваат и наодите до кои доаѓаат. Отворени се за прашања и совети за корисници, па ако сметате дека треба да се постават прашања за вистинитоста на некоја објава што сте ја сретнале, стапете во контакт, особено ако објавата се однесува на важно прашање од јавен интерес. Некои од најпопуларните платформи за проверка на факти во Западен Балкан и Турција се: Raskrinkavanje.ba  (Босна и Херцеговина), Fake News tragač (Србија), Raskrinkavanje.me (Црна Гора), Vistinomer.mk (Северна Македонија), Faktoje Албанија), teyit.org (Турција), Hibrid.info (Косово).

Каде може да се пожалам доколку забележам штетни медиумски содржини?

Одлично е што сте подготвени да ја искористите вашата медиумска писменост за да го намалите обемот на проблематична содржина во медиумите. Тоа е навистина важно бидејќи помага да се создаде јавна сфера погодна за вклучување добро информирани пристапи кон прашањата од јавен интерес. Во земјите од Западен Балкан и Турција работат повеќе регулаторни и саморегулаторни тела. Нивната работа е, меѓу другото, да следат дали медиумите се придржуваат до професионалните стандарди и да адресираат поплаки од граѓаните и институциите за конкретни содржини. Проверете ги нивните веб-страници за детали за постапката за жалби. Саморегулаторните тела во Западен Балкан и Турција се: Совет за печат и онлајн медиуми (Босна и Херцеговина), Медиумски совет за саморегулација (Црна Гора), Совет за етика во медиумите на Македонија (Северна Македонија), Совет за печат (Србија), Алијансата за етички медиуми (Албанија), Совет за етика во медиумите на Косово (Косово), Совет за печат (Турција).

Како можам да дознаам кој ги поседува и уредува веб-страниците што ги следам?

Секој кредибилен медиум ѝ овозможува на својата публика да ги знае имињата на сопствениците, редакцијата и на другите вработени, како и нивните контактни информации. Овој тип на информации обично се познати како „импресум“ и треба да бидат лесно достапни на веб-страницата. Ако не се, тоа е огромен предупредувачки знак во однос на сигурноста и интегритетот на веб-страницата.

Зошто е важна медиумската писменост?

Медиумската писменост е важна бидејќи ни помага критички да ги анализираме и интерпретираме различните форми на медиуми, нивните пораки, па дури и потенцијалните мотиви и предрасуди зад тие пораки. Критичкиот пристап кон информациите на кои сите сме изложени ни помага да донесеме подобро информирани одлуки за различни прашања, како на пример за кого да гласате, што и каде да учите, како да се грижите за сопственото здравје, како да управувате со вашите финансии, како да го поминувате слободното време или кои книги да ги читате.